Најновите анкети пред изборите во Бугарија покажуваат дека партиите на власт во Бугарија имаат зголемување на рејтингот откако започна негативната реторика кон Македонија, изјави претседателот на државава, Стево Пендаровски на гостувањето во Сител.
– Анкетите покажуваат 7 процентни поени зголемување на рејтингот изминатите месец и половина на ГЕРБ на Бојко Борисов поради ова јуначење, а партијата на Красимир Каракачанов има двојно поголем рејтинг. Ваквото однесување и тоа како им се исплати. Политичката логика е дека тие ќе се обидат максимално да го искористат до изборите, смета Пендаровски.
Посочи и дека ако се сака да се дојде до решение, двете страни мора да испраќаат меки пораки.
-Имаме уште два дена, но од она што се знае, пробив нема. За некое прашање ако сакате да се најде решение двете страни мора да одат со меки пораки. Ако бугарската страна оди со агресивни пораки како што оди, тогаш договор нема да има, додаде тој.




