Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, се сретна со Хиронори Савада, новоименуваниот амбасадор на Јапонија во нашата држава, информираат владини извори.
„Работиме на развивање на економијата и создавање на услови за нејзин раст и развој по смирувањето на пандемијата, а во меѓувреме сме посветени да ги поддржиме работниците и стопанството. Посветени сме и на напредокот во евроинтеграциите. Многу ни значат искрените пријателства како ова со Јапонија и наша определба исто така е да ја развиваме меѓусебната соработката во сите области“, рече премиерот Заев.
На состанокот е разговарано за унапредување на соработката и во инфраструктурата, енергијата, транспортот, дигиталниот сектор помеѓу Република Северна Македонија и Јапонија, којашто во рамките на стратешкото партнерство со ЕУ, соработува на овој план со Унијата.