Франција од вечерва на полноќ на 48 часа ги суспендира сите патувања од Велика Британија, вклучително и оние поврзани со транспортот на стоки, по пат, авион, море или железница, посочи францската Влада по вечерашниов Совет за одбрана, одржан преку видео конференција, јави дописникот на МИА.
-Ќе бидат одобрени само товари без придружба. Протокот на луѓе или транспортот кон Обединетото Кралство не е засегнат, соопшти владата, затоа што од другата страна на Ла Манш е откриен нов вид на коронавирус, што се чини во оваа фаза од испитувања нема зголемена сериозност или отпорност на вакцината.
За време на овие 48 часа, здравствените власти мора да се договорат за нов режим на тестирање во соработка со нејзините партнери во Европската унија.
И Германија планира да воведе ограничувања за летовите од Велика Британија и Јужна Африка, откако двете земји информираа дека идентификувале нов вид на коронавирус, изјави претставник на германската владата во Берлин.
Британските медиуми наведуваат дека германската Влада работи на дефинирањето на нови правила за патување, како и дека е во контакт со своите партнери во ЕУ.