Вкупно 29 занаетчии од регионалната Занаетчиска комора Куманово беа субвенционирани во рамките на Јавниот повик објавен од страна на Министерството за економија, во рамките на мерките за поддршка на занаетчиите за справување со кризата предизвикана од Ковид-19, соопштија денеска од Министерството за економија.
-Мерката предвидуваше кофинансирање на трошоци на занаетчии направени за набавка на репроматеријали и алати во 2020-та година, до 60 проценти од бараниот износ и максимални 60.000 денари по апликант. Интересот беше задоволителен, кофинансирани беа вкупно 225 занаетчии со вкупна финансиска поддршка од 8.873.019 денари од кои 29 занаетчии од кумановската Занаетчиска омора со вкупна сума од 1.222.925 денари, соопштија од Министерството.
Министерството за економија, велат оттаму ќе продолжи со поддршката на занаетчиите и во наредната 2021 година, при што во рамките на Програмата за конкурентност, претприемништво и иновации предвидени се вкупно 6.000.000 денари за субвенционирање на трошоци за набавка на опрема и алати и уредување на деловниот простор, со тоа што кофинансираната сума ќе биде до максимални 120.000 денари по апликант или 60 проценти од докажаните трошоци.
Кумановската Регионална занаетчиска комора ги покрива општините од североисточниот регион, Куманово, Липково, Старо Нагоричане, Ранковце, Кратово и Крива Паланка.