Над 60 проценти од граѓаните не се согласуваат со потпишување анекс на Договорот за добрососедство со Бугарија, за гаранции дека нашата земја нема територијални претензии и за немешање во внатрешните работи, без да се навлегува во други, вклучително и национални и идентитетски прашања.
Ова го покажува анкетата што вечерва ја објавија Телма и МЦМС, што ја изработи агенцијата „М проспект“, и во која 61,9 отсто од испитаниците изразиле несогласување со ваквов евентуален чекор. 33,5 отсто рекле дека се согласуваат да биде направен вакоов анекс, додека 4 отсто не знаат, а 0,6 отсто од испитаниците одбиле да одговорат на ова прашање.
Во однос на тоа дали и кога би се наадминал проблемот со Бугарија за да продолжи процесот на евроинтеграција, 30,7 отсто сметаат дека тоа никогаш нема да се случи. Потоа следуваат оние кои сметаат дека за решавање на спорот ќе биде потребен период од една до пет години (21,8%), додека 15,2 % од испитаниците сметаат дека тоа ќе се случи за помалку од една година. Дека спорот ќе се реши брзо, за неколку месеци сметаат 15%, додека 13,4% мислат дека за тоа ќе биде потребно повеќе од 5 години.
Анкетата е спроведена во периодот од 16 до 24 декември, телефонски, на репрезентативен примерок од 1 000 испитаници, според пол, возраст, етничка припадност и место на живеење.
Маргината на грешка е ± 3 % и ниво на доверба од 95 %.