Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска при денешната посета на лесниот Пешадиски батаљон во Штип рече дека реветингот или ресертификацијата на припадниците на АРМ трае подолго време, а токму заради ригорозните НАТО проверки треба време. Досега се испратени три групи од четирисетина луѓе од Министерството за одбрана и Армијата, од кои досега дел добиле безбедносни сертификати, за дел постапката е во тек. Одбиено е барањето само на еден претставник на Министерството за одбрана.
– Не сме ние тие коишто ги соопштуваме и ги образложуваме тие одлуки. Тоа е дел од работењето на една поширока Алијанса. Чекаме процесите да завршат и се разбира водиме разговори со кабинетот на Претседателот околу одлуката за наш воен претставник, вели Шекеринска.
Министерката за одбрана посочи дека нашето воено претставништво во Брисел е релативно пополнето и таа бројка расте и како, што рече, во тек е избор на уште еден полковник и на уште двајца подофицери.
-Така што на воено ниво навистина сме многу сериозно претставени во рамките на НАТО Алијансата и тој процес ќе го финишираме и со воен претставник. Меѓутоа има многу работи, кои не зависат само од нас. Очекувам на 15 јануари нашиот амбасадор, Дане Талески веќе да замине за Брисел и тоа ќе биде многу важно за функционирање на нашата мисија таму, вели Шекеринска.
Забележа дека добивањето на безбедносните сертификати е одложено поради пандемијата и затоа овој процес трае подолго време.
-Најголем дел од лицата кои ги праќаме на реветинг веќе имале НАТО сертификати, но, кога не сме биле членка на НАТО, да станете членка на ваква Алијанса со многу поголем пристап до информации, кои што се чувствителни, високо класифицирани не е лесно и затоа овој процес, ниту е брз, ниту е лесен, вели Шекеринска.