Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски денеска остварија средба со програмскиот директор на ИЦИТАП Програмата при Амбасадата на САД во Скопје во заминување, Даглас В. Медн.
Министерот Спасовски се осврнал на соработката со ИЦИТАП Програмата која изминатите години ја поддржуваше професионализацијата на полицијата преку проектите и техничката помош наменета за Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија.
Како што соопштија од МВР, Спасовски се заблагодарил на богатата, искрена и пријателска поддршка и потенцирал дека и во иднина Министерството за внатрешни работи ќе биде насочено кон трајна соработка со Амбасадата на Соединетите Американски Држави, со особен акцент на реализација на заедничките проекти со ИЦИТАП Програмата.
Програмскиот директор Медн лично ја предал кратката биографија на неговиот наследник на оваа позиција со уверување дека интензивирањето на соработката со Министерството за внатрешни работи ќе продолжи во континуитет.
По повод заминувањето на досегашниот програмски директор Медн, министерот Спасовски му врачил плакета за континуираната поддршка во модернизацијата на капацитетите на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија, изразувајќи искрена благодарност за досегашната двегодишна соработка преку ИЦИТАП Програмата и Амбасадата на САД во Скопје.
/МИА/