„Законот важи за сите и никако поинаку“, подвлече Заев во вечерашното интервју за емисијата „Трилинг“, на прашањето за започнатиот процес на прочистувањето на судството, додавајќи дека денеска е истакната слободата и транспарентноста и одлуките ги носат само судовите.
„Процесот на прочистување на правосудството веќе се случува и секојдневно сме сведоци за овој процес. Веќе има прочистено седум обвинители или судии во државата“, рече премиерот подвлекувајќи дека политиката нема никакво влијание во овој процес, затоа што тој процес го води Судскиот совет и Советот на обвинители, кои одлучуваат колективно, вклучително Антикорупциската комисија, истражните органи, финансиската полиција, Управата за јавни приходи.
„Граѓаните очекуваат правда, бидејќи тоа е и една од причините да останат тука. За да имаме добра економија, здравствен систем треба да имаме правда“, подвлече Заев.
Претседателот на Владата додаде дека тој, како и сите граѓани, очекува ефикасност, незастарување на предметите, транспарентност, затоа што санкционирањето и пресудата е порака да не се повтори повеќе, за сите останати во државата.