Насер Зибери вечерва е избран за нов народен правобранител. „За“ гласаа 61 пратеник од вкупниот број пратеници во Собранието, како и 26 од 41 пратеник од заедниците кои не се мнозинство. На гласањето не присуствуваа опозициските пратеници. Зибери ќе ја наследи функцијата омбудсман од Иџет Мемети.
Откако беше одбиен предлогот на опозициските партии да се изостави од дневниот ред Предлог-одлуката за избор на Народен правобранител, 32-рата седница попладнево продолжи со расправа по предлогот на ДУИ Насер Зибери да ја извршува функцијата омбудсман. Зибери е правник, работи како нотар, поранешен пратеник и министер, а пред шест месеци беше кандидат за премиер од партијата ДУИ која сега го предложи за функцијата.
Зибери е роден во 1961 година во Ласкарци, Општина Сарај. Дипломирал на Правниот факултет. Бил висок функционер на ППД, а од 1996 до 1998 министер за труд и социјална политика во Владата на Бранко Црвенковски. Пред да стане политичар, бил новинар. Повеќе години не е активен во политиката и работи како нотар, а за Парламентарните избори во јули минатата година беше кандидат на ДУИ за претседател на Владата, промовиран под слоганот „прв премиер Албанец“.