За најавената реформа во основното образование, професорката Мимоза Ристова од Природно-математичкиот факултет во Скопје, вели дека е промена што се чека 30 години. По денешната средба на професорите од сите универзитети во државата со претставници на Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образование и членовите на работната група што ја изготви концепцијата за основно образование, Ристова изјави дека од првиот лош резултат постигнат на ТИМСС тестовите, по независноста, резултатите постојано се влошуваа.
“После 30 години некој се најде да го подобри системот. Имаме системска грешка која се провлекува низ неколку влади до сега, а точно е детектирана грешката. Оваа влада се нафати да ја исправи грешката. Мислам дека реформата мора да оди брзо и да го покренеме системот на подобро” рече професорката Ристова. Децата образувани според новата концепција нема да бидат националисти, нема да бидат политички оптоварени, ќе бидат интегрирани во општеството и ќе бидатсензитивни кон средината и кон окружувањето, посочи професорката.
„Новиот човек може да се направи само со поинтензивно образование, со дигитално образование, затоа што денешното дете не е исто како ние кога бевме деца. Концептот овозможува добра реализација и ние од високото образование будно ќе следиме како се спроведува и ќе интервенираме секогаш кога ќе има отклонување од иницијалниот пат“, рече професорката Ристова.