Министерката за образование и наука одговарајќи на пратеничко прашање на Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека е пресреќна што за нацрт- концепција се дискутира многу.
„Имаме и академици и професори и наставници и директори и институции кои на прочитана концепција даваат конструктивни коментари за да таа биде подобра. Знаете зошто, заради тоа што оваа држава има во себе прогресивни сили коишто ќе дадат сé за да го унапредат образованието, како основа на државата како основа на којашто ја покажува кој се залага за јавно добро, а кој се залага само за своите лични интереси“, рече Царовска.
Министерката вели дека е сигурна дека оваа концепција ќе се донесе со поддршка на сите оние коишто веруваа дека нашите деца заслужуваат квалитетно образование и дека нашите деца се еднакво паметни како и децата од државите коишто имаат квалитетно образование и постигнуваат добри резултати.
„Јас сум сигурна дека вие оваа концепција ќе ја донесевте кабинетски како што ги донесовте Кембриџот и деветолетката“, одговори Царовска на Ласовска. Министерката истакна дека овој процес се води исклучиво транспарентно со вклученост на многу засегнати страни во дебатите наставници, директори, академици, професори, граѓански организации, меѓународни организации, пратеници.