Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска се сретна со новите членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, кои добија поддршка од пратениците во Собранието со 61 глас „ЗА“, информираат од Министерството за труд и социјална политика.
Министерката на новоизбраните членови на Комисијата им укажа на значајноста на функцијата која ќе ја извршуваат, како и за големата одговорност и очекувања од страна на граѓаните.
„Законот за спречување и заштита од дискриминација е законско решение кое беше поддржано и од власта и од опозицијата. Комисијата за спречување и заштита од дискриминација која произлегува од ова законско решение треба да постапува надпартиски, непристрасно и независно, со нула толеранција кон сите облици на дискриминација. Конечно ќе испорачаме правда кон граѓаните,“ порача министерката Шахпаска.
Таа посочи дека преку изборот на новите членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која за прв пат ја сочинуваат професионалци со искуство во полето за човековите права, ја враќаме довербата на граѓаните.
„Создавање на независна, професионална и ефикасна Комисија за спречување и заштита од дискриминација, чија што задача ќе биде заштита на граѓаните кои се дискриминирани по кој било основ е потврда за нашите заложби во градењето на еднакво општество за сите,“ истакна министерката Шахпаска.
Таа воедно на новите членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација им посака успешна работа.