Анџелина Џоли го покани тимот на „Вог“ во својот дом за фотосесија. 45-годишната актерка позираше за мартовското издание на „модната библија“, а сними и видео во кое покажува што се крие во нејзината чанта.
Поранешната сопруга на Бред Пит, со кого има шест деца, зборуваше за мајчинството, животот и пребродувањето на разводот.
Во интервјуто, Џоли се обиде да опише еден типичен ден од својот живот. „Па, никогаш не сум била добра во седењето во место. Иако многу сакав да бидам мајка и да имам многу деца, отсекогаш замислував дека тоа ќе биде како патување сред некоја џунгла. Никогаш не го замислував во вистинска, традиционална смисла. Сметам дека ми фалат сите вештини за да бидам традиционална мајка која седи дома. Се справувам некако бидејќи децата се прилично издржливи и ми помагаат, но воопшто не сум добра во тоа“ – изјавила Анџелина.
На прашањето дали моментално се наоѓа на добро место во животот, Џоли одговорила: „Не знам. Изминатите неколку години беа многу тешки. Се фокусирав на заздравувањето на нашата фамилија. Полека напредуваме, како мразот да се топи и крвта да ми се враќа повторно во телото.“
„Ми се допаѓа тоа што сум постара. Се чувствувам поубаво во моите 40-ти години отколку што се чувствував кога бев помлада. Можеби затоа што мајка ми не живееше доволно долго, па има нешто во возраста кое го чувствувам како победа, наместо тага. Со нетрпение ги чекам моите 50-ти години“ – додала Џоли.