Не негирам дека имало тешки денови и разговори со поранешниот претседател на САД во изминатите четири години, нагласи генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како одговор на прашањето за проценката на администрацијата на Доналд Трамп.
– И покрај тие тешкотии, САД и Европа направија повеќе за НАТО отколку што беше направено во претходните години, истакна тој.
– Инвестициите во одбраната мора да продолжат, зацртаните цели се уште не се постигнати, додаде Столтенберг.
На прес-конференција по состанокот со белгискиот премиер Александар де Кро, генералниот секретар рече дека подоцна овој месец министрите за одбрана на алијансата ќе разговараат за иднината на мисијата во Авганистан.
Столтенберг објасни дека одлуките за останување или повлекување од таа земја имаат цена.
– Одлуката е тешка и мора да биде заедничка, рече тој. Според него, повлекувањето на НАТО може да доведе до повлекување од успесите во борбата против меѓународниот тероризам, а престојот може дополнително да ја загрози безбедноста на меѓународниот контингент испратен таму.
– Целта е да се напушти Авганистан некогаш, рече Де Кро. Не можеме да ја оставиме европската безбедност на „трета земја“, додаде тој по повод придонесот на САД во европската одбрана. /МИА/