„Прашањето со вакцините е прашање на безбедност, прашање на економија и секако, прашање на здравје. Ние дискутираме неколку месеци за вакцините и бараме начин како побрзо да го вакцинираме населението. Главните поенти ги ставаме на механизмот Ковакс, но самите контактиравме со сите производители, и со Фајзер и со фирмата за кинеските вакцини, нивните вакцини ги поминаа тестирањата и кинеската прилично брзо ќе се регистрира од европското регулаторно тело. Во една ваква зовриена атмсофера за мали држави е тешко, и самата ЕУ се соочува со проблеми, и тие не може да направат нарачка на големи количини, па некаде дури и е стопирано вакцинирањето. Ние ги привршивме преговорите со Фајзер, ги очекуваме и првите колични преку Ковакс, а преговараме и со кинескиот производител. Руската вакцина започна со примена без да ги има поминато сите фази на проверка, но денес веќе има позитивни оценки и за неа. Ние нашата геополитичка ориентација сме ја покажале на дело повеќе пати, имаме релација со европски и американски регулатори и најлесно беше за тие вакцини да преговараме, но сега мораме да гледаме пошироко.“- изјави министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, во „Топ тема“ на телевизија Телма.
Пројавувањето интерес и кон другите производители на вакцини се должи на фактот дека производителите не можат да ги задоволат потребите на пазарот, дури ни на поголемите и посилни држави.
„Во оној момент кога стана јасно дека производството нема да ги задоволи потребните количини вакцини, ние почнавме преговори и со другите производители. Денес во ниту една држава не можете да најдете информации колку чинат вакцините, колку пари ќе потрошат државите за вакцините… Ако ние први излеговме со ова, кој знае тука што ќе ни се случеше. Во другите држави никој не го прашува тоа. Затоа сакаме потезите да ги повлекуваме внимателно.“- дополни Шекеринска.





