За оспорувањето на неговиот етички кредибилитет Зибери вели дека тоа се само претпоставки дека Народниот правобранител нема да биде независен во вршењето на својата функција.
Изборот за Народен правобранител не е никаква компензација. Јас доброволно прифатив да бидам номиниран за можен кандидат за премиер, но изборните резултати дадоа таква конфигурација и резултатот е тој што е, се знае кој е премиер. Сам се пријавив на огласот за Народен правобранител, Собранието ме избра и од формално – правна гледна точка целата работа се заврши согласно прописите.
Вака Насер Зибери, кој од неодамна е Народен правобранител, една од државните функции со најдолг мандат (6 години) ги отфрла коментарите дека ова наградата за кандидатирата за премиер од ДУИ.
Во интервју за Радио Слободна Европа, тој исто така ги отфрла критиките дека е „правобранител на ДУИ“ и дека тешко оти може да се очекува тој да биде против нивните функционери, кога до вчера бил нивен кадар.
„Законот во ниту една одредба не забранува кандидат кој бил номиниран за можен премиер да нема право да се кандидира за функцијата Народен правобранител. Тоа е прво и второ, Законот за Народен правобранител вели дека Народниот правобранител во вршењето на својата функција, должност и овластување е самостоен и како таков јас ќе бидам во извршувањето на моите надлежности“, вели Зибери.
За оспорувањето на неговиот етички кредибилитет во што најгласни беа од Алијанса на Албанците, Зибери вели дека тоа се само нивни претпоставки дека Народниот правобранител нема да биде независен во вршењето на својата функција.
„Тие претпоставки често пати имаат алузии и не се основани од причина што Народниот правобранител сега стапува на должност. Треба да се даде простор и јас сум убеден дека со мојот ангажман ќе ги демантирам сите скептици“, додава Зибери.