Да се качи и на Месечината, космонаутот Христијан Мицкоски нема да избега од поразите и криминалите на неговата партија, возвратија од СДСМ откако опозицискиот лидер изјави денеска дека од Месечината се наѕираат предвремени парламентарни избори во земјава.
„Христијан Мицкоски е докажан губитник, предводник на докажано криминална и режимска партија. Последните јавно објавени информации во неколку медиуми покажуваат дека соработникот на Мицкоски, Антонио Милошоски бил осуден за кривични дела во Германија во 2004 и 2005 година, а овде, во државата се водат и судски процеси против него, како и кон повеќе актуелни и поранешни пратеници на ВМРО-ДПМНЕ.
Граѓаните знаат дека во ВМРО-ДПМНЕ силно е присутна криминално-режимската матрица и затоа оваа партија е шест пати поразувана на избори и затоа уште долго ќе остане во опозиција“, се наведува во реакција на СДСМ по изјавата на Мицкоски.