Директорот на Царинската управа, Горан Сугарески денеска имаше средба со францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер, со царинското аташе на Франција задолжено за Југоисточна Европа и Балкан, Жулиен Отре и со аташето за внатрешна безбедност, Стефан Ропер. На средбата, како што соопшти Царинската управа, била потврдена взаемната билатерална соработка која веќе подолг период успешно се реализира преку семинари, студиски посети, обуки и донирана техничка опрема.
– Со осврт кон актуелните услови, развојните движења на двете служби и нивните оперативни капацитети, беа посочени посебните залагања и интерес за поблиско соработување во доменот на следење и координирано делување за сузбивање на недозволената трговија со опојни дроги, лекови, оружје, движење на капитал помеѓу двете земји, културни добра. Поодлучно и заедничко организирано настапување беше најавено за разоткривање и разбивање на криминални организации, информираат од Царинската управа.
Во соопштението се истакнува дека соговорниците извдоиле конкретни предлози за идни активности во рамки на билатералната техничка помош која би била фокусирана во континуитет на истражни и разузнавачки операции. – Помошта од француските колеги е добредојдена и за усогласување со законодавството на ЕУ од областа на акцизите, велат од Царинската управа.