По изјавата на бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, премиерот Зоран Заев за идната недела најави и средба на шефицата на бугарската дипломатија и министерот за надворешни работи Бујар Османи. Тие ќе треба да го договорат терминот за меѓувладина конференција на Северна Македонија и Бугарија, на која треба да се усвои акцискиот план.
„Очекувам на таа средба да се дефинира терминот за втората меѓувладина конференција, првата се одржа 2019 година, а потоа да бидат усвоени на Влада и да влеземе во ефикасно, брзо имплементирање на сите овие определби, затоа што се добри за македонскиот народ, за бугарскиот народ, за Северна Македонија и за Бугарија и ќе бидат од помош во создавањето на севкупниот амбиент за решавањето на другите отворени прашања коишто верувам дека можеме да ги решиме час поскоро“, изјави Заев.
Тој ѝ одговори и на бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, која рече дека нереформирана Македонија во ЕУ ќе им служи на руските интереси, како и дека во земјава се добиваат избори со антибугарска реторика.
Во духот на конструктивноста, секогаш комуницираме со внимателен и достоинствен дипломатски наратив и секогаш го браниме достоинството на нашиот народ. Само со пријателски наратив, со подадена рака, со политики кои и за време на кампањи и избори биле за градење на пријателство со сите соседи и со Бугарија, добивавме избори, вели Заев.
„Очекувам соседите да бидат пријатели, од нас можат да очекуваат само пријателство, подадена рака, немаме ниту лоши мисли ниту лоши намери кон никој од соседите, така и кон пријателска Бугарија“, рече Заев на потпишувањето на Договорот за грант од „Програмата за обновливи извори“ за поттикнување на енергетската транзиција, помеѓу Електрани на Македонија и Германската банка за развој банка „КфВ“.
Извор: DW





