Универзитетскиот професор Борче Давитковски за тоа дали се валидни потписите кои ги собира ВМРО-ДПМНЕ против одржувањето на претстојниот попис, во изјава за Телевизија 24, вели дека станува збор за егзибиционизам кој нема правна потпора. Според Давитковски ова неформално собирање потписи не значи ништо.
– Ако сакаа правно да биде издржано, требаше да идат согласно законот, да собираат потписи преку подрачните единици, каде што можеа да соберат 10 илјади потписи за да се покрене законодавна иницијатива. Тоа е едно. Второ, ова мислам дека е повеќе театрално однесување пред локалните избори. Имаат толку многу пратеници така да било кој пратеник или цела пратеничка група можеа да дадат измени за законот за попис. – вели проф. Борче Давитковски за Телевизија 24.
Собранието на 21 јануари го донесе Законот за попис на населението, домаќинства и становите. Резултатите од пописот треба да бидат објавени во рок од 6 месеци по неговото завршување.