„ВМРО-ДПМНЕ продолжува со својата деструктивна и крајно неодговорна политика да работи против граѓаните и против државата. Во време кога државата, по речиси 20 години се подготвува за попис на населението, ВМРО-ДПМНЕ на чело со Христијан Мицкоски се обидува да ја закочи и саботира оваа статистичка операција.“, наведуваат од СДСМ во врска со подготовките за престојниот попис.
Оттаму нагласуваат дека со Иницијативата за собирање партиски потписи против Законот за попис, ВМРО-ДПМНЕ нема да го спречат овој процес важен за граѓаните и за иднината на државата.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак, за сè уште неодржаниот попис велат дека е фалсификат.
Заев веднаш да се откаже од фалсификат попис, бараат од ВМРО-ДПМНЕ. Над 25.000 граѓани за три часа му кажаа НЕ на Заев за фалсификат попис, наведуваат во соопштение од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека Пописот не смее да биде политичка, туку статистичка операција.
СДСМ велат дека овој потег на Мицкоски е само за внатрепартиска употреба и за исполнување на сопствени хирови.
„Пописот кој ќе се одржи оваа пролет, ќе биде спроведен согласно сите меѓународни стандарди и конечно, како држава ќе имаме целосни, прецизни и релевантни податоци кои ќе послужат за креирање на издржани долгорочни политики за развој.“, сметаат од СДСМ
Ј. Ѓорѓиоски





