Кај голем дел од децата кои прележале ковид, посебно во последните два до три месеци, има една таканаречена пост-ковид фаза, или поточо кажано некои симптоми кои наликуваат на некои болести кои не би ги класифицирала во едноставни, нешто што не треба да го занемариме, рече директорката на Детската клинија д-р Аспазија Софијанова во емисијата Вин Вин.
„За жал, во последните два месеци броиме 45 случаи на деца кои дошле на Детска клиника, коишто се ПЦР негативни, значи немаме акутна инфекција, и најверојатно го поминале вирусот асимптоматски. Имаме увид во епидемиолошките анкети и гледаме дека фамилијата била позитивна на вирусот или дека има позитивен член во моментот“, рече Софијанова.
Децата пројавуваат проблеми со гастро-интестиналниот тракт или стомакот, проблеми со бубрезите, проблеми со срцето и централниот нервен систем, потенцираше д-р Софијанова.
„Кога веќе и кај нас и на светско ниво е познато дека кај децата се појавува пост ковид синдром, не треба да ги запоставиме и да не ги маргинализираме децата. Мојот апел е да не ги маргинализираме децата, да не сметаме дека ако го поминале вирусот, тука е крајот. Особено во фамилиите каде има потврден ковид случај, да не се занемарува фактот дека во пост ковид периодот кај децата можат да се појават пост ковид симптоми, според статистиката, околу 15-20 дена од кога ќе бидат излекувани од вирусот“, изјави Софијанова.
„Кај неколку деца беше интервенирано, беа оперирани од слепо црево, а позадина на тоа беа високите титри на антитела кои се создаваат откако вирусот ќе помине“, рече Софијанова.
И. Т. З.





