Министерството за внатрешни работи (МВР) и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) денеска почнаа кампања под мотото „Стави појас“ која е во насока на продолжување на позитивниот тренд на подобрување на безбедноста во патниот сообраќај.
Кампањата ќе опфати голем број на превентивно-едукативни активности кои ќе се реализираат на територија на цела држава во период од неколку месеци, како и интензивни медиумски активности и засилени сообраќајни контроли за користење на појас од страна на возачите и патниците.
Проценките покажуваат дека голем дел од возачите не користат сигурносен појас.
– Состојбата е уште по неповолна кога станува збор за сопатници на предното седиште, додека бројот на патници на задното седиште кои користат појас е приближно еднаков на нула. За споредба, стапката на користење сигурносен појас на предните седишта во земјите од Европската Унија е околу 90 проценти, а на задните седишта од 60 до 70 проценти, велат од МВР.
Користењето на сигурносен појас е законска обврска како за возачите, така и за патниците на предните и задните седишта. Обврската е задолжителна без разлика на тоа дали возилото се движи во населено или надвор од населено место. Некористењето на сигурносен појас се санкционира со парична казна за лицето кое не користи појас без разлика дали тоа е возач или патник на предното или задното седиште.
МВР и РСБСП апелираат до возачите и патниците да ги почитуваат законските обврски и секогаш и секаде, дури и на најкратките патувања, задолжително да стават појас.
Од МВР посочуваат дека како резултат на засилените контроли на сообраќајната полиција и превентивните активности реализирани во соработка со РСБСП, минатата година имало најмал број на загинати во сообраќајни несреќи во однос на претходните години, а тренд на подобрување на безбедноста на сообраќајот се бележи и во првите два месеца од годинава. Според податоците на МВР, минатата година 125 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди, а 5494 лица биле повредени.
извор: МИА




