Престижниот „Nomad Capitalist“, ја вбројува Северна Македонија во една од најсилните „економии со слободен пазар“ во светот. Во написот покрај Македонија, наброени се: Кина, Сингапур, Хонг Конг и Грузија.
Во Македонија потребни се два дена за да започнете бизнис. Земјава ги прифаќа принципите за слободен пазар, стремејќи се кон поголем раст и развој, наведува во анализата на „Nomad Capitalist“ Ендрју Хендерсон.

„Сместена на Балканот, на југот на Србија, Македонија направи големи чекори кон политиките на слободен пазар во изминатата деценија. Земјата е сè повеќе про-деловна област со 0% даночни зони, зони на слободна трговија и 10% данок на добивка. Дополнително, потребни се само два дена за да започнете бизнис во Македонија и не е потребен минимален капитал.“, пишува Nomad Capitalist.
Тие нагласуваат дека земјата работи да стане потранспарентна и да создаде пофлексибилен пазар на труд.
Фондацијата „Херитиџ“ забележува дека има значителен успех во слободата на трговијата, регулаторната ефикасност и фискалната слобода. Поради овие реформи, во Македонија се забележува растење на претприемачкиот сектор.
Се наведува дека странските и домашните инвеститори се третираат еднакво и, доколку сте подготвени да започнете бизнис и да ангажирате локални работници, може да станете македонски државјанин по само една година. Програмата е насочена конкретно на претприемачи кои можат да инвестираат најмалку 400.000 евра за минимум три години.
Од ФИТР објавуваат дека „Nomad Capitalist“ ја потврдува заложбата на ФИТР за позиционирање на Република Северна Македонија како стартап и иновативен хаб во регионот.
Ј. Ѓ.





