Зголемени плати, реновирани и реконструирни објекти, набавка на воена опрема, законски измени за служба во Армијата како и предлог измени кои предвидуваат подобри услови за пензионирање на офицерите и заминување со отпремнина на професионалните војници се дел од реформите кои Министерството за одбрана и Армијата ги спроведуваат во последниве три години со цел подигање на стандардот на војниците, кои со својата посветеност и пожртвуваност го оправдаа членството во НАТО како чувари на мирот на повеќе кризни подрачја и во заедничките вежби со сојузниците.
Законските измени кои се пред пратениците предвидуваат обезбедување поддршка на професионалните војници по заминувањето од Армијата и на офицерите кои поради промени во формацијата по стандардите на НАТО им се укинуваат единиците или формациско место, односно работното место.
Една од новите измени кои ќе стапат на сила по изгласувањето во Собранието е можноста за професионалните војници кои навршуваат 45 години, да изберат отпремнина наместо служба во државните институции и тоа во висина од 1.000 евра за секоја година помината во служба. Тоа би значело дека војник кој бил во Армијата 25 години може да одбере да добие отпремнина од 25.000 евра, а со тоа да има убава база за нов почеток.
Вкупно 116 професионални војници кои во 2022 година ќе навршат 45 години старост, а доколку се изгласа законот за служба во Армијата, ќе можат да одберат дали ќе земат отпремнина од по 1.000 евра за секоја година помината во службата или ќе се одлучат да продолжат да работат во некоја од државните институци како обезбедување во казнено поправните установи, судовите, како пожарникари во противпожарните единици…
Оваа година до сега преземени се вкупно осум професионални војници со навршени 45 години возраст во противпожарна бригада на град Скопје и течат постапки за превземање во Кичево и Валандово, како и во судска полиција. Во постапка на преземање, како што информираат за МИА од МО се опфатени вкупно 30 поранешни професионални војници (десет во Управата за извршување на санкции – затворска полиција, еден во судска полиција, 19 во територијалните противпожарни единици во Кичево, Валандово и Куманово) и 35 професионални војници кои навршуваат 45 години возраст во текот на 2021 година (девет во Управата за извршување на санкции – затворска полиција, 24 во судска полиција и 2 во територијалните противпожарни единици).
Целосна поддршка за ова законско решение даде Независниот синдикат на одбраната, од каде за МИА велат дека дополнително предлагаат да се отвори и Државна агенција за обезбедување во која професионалните војници по договорот со Армијата ќе продолжат да работата на обезбедување на државни објекти.
– За заминувањето на професионалните војници по навршувањето на 45 години старост со еднократна отпремнина од 1000 евра во противвредност за секоја година работен стаж е позитивна одлука и даваме полна поддрша. Имено тоа е наш предлог кој што поодамна го предлагавме како солуција покрај веќе предвидените законски решенија односно префрлање во други државни институции или пак во Армијата со трансформација во цивилно лице, велат од незаисниот синдикат на одбраната за МИА.
Овие измени пак според Синдикатот на одбраната и безбедност се политикантски и популистички пристап, кои според нив, немаат реални основи за издржливост и успешност во трајно решение на проблемот со професионалните војници. Ова, тие го темелат на нивната проценка дека има околу 300 професионални војници кои ќе навршат 45 години старост и дека секој од нив е се остварен стаж од 20 до 25 години, што, сметаат дека Министерството за одбрана би требало да исплати 20.000 до 25.000 евра отпремнина за секој од нив, што воедно би било 6 до 7,5 милиони евра годишно.
Од Министерството за одбрана за МИА истакнаа дека повеќе од 10 години пред 2017 година, никој од тогашната власт, а најмалку од Синдикатот на одбраната и безбедноста, не воделе грижа за статусот на професионалните војници со навршени 45 години.
-За прв пат нивното прашање го решивме на начин кој претходно бил незамислив и кој овозможува со стапувањето на позицијата војник, ниту еден од нив да не стравува за својата иднина кога ќе наврши 45 години возраст, нагласуваат од Министерството.
Во споредба со нашите соседи, само Бугарија на професионалните војници кои кај нив со 49 години заминуваат од службата, им нуди отпремнина од 450 евра. Во Грција и Србија кои имаат и редовна војска, за професионалните војници доколку не бидет префрлени во некоја друга државна институција нема некоја посебна отпремнина.
Новите измени на Законот за служба во Армијата предвидуваат заминување во пензија со 55 години старост и помалку од 40 години стаж за кои ќе имаат 80 проценти плата од најдобрите десет години и помалку од 0,5 проценти за година до исполнување на двата услови, но ќе бидат применети доколку настанат промени во актот за формација на Армијата, односно актот за систематизација на Министерството за одбрана кое предизвикува укинување на единица, команда, штаб или укинување на формациско место, односно работното место, при што во рок од 60 дена нема можност активниот воен и цивилен персонал да биде поставен на друго формациско, односно работно место.
Од Независниот синдикат на одбраната, иако даваат поддршка за оваа измена, велат дека најдобро би било да се додаде „или“ на место „и“ со што би можеле да се пензионираат со 55 години старот или 40 години стаж без обврска да ги исполнуваат двата услова.
Последното истражување во Армијата и Министерството, интерес за остварување на правото на пензија во висина од 80 проценти од просечната нето- плата што активниот воен и цивилен персонал ја остварил во текот на најповолните десет години од пензискиот стаж, со намалување за 0,5 отсто за секоја година пензиски стаж пократок од 40 години пројавиле 92 лица на служба во Армијата.
Подобри услови за унапредувањето на офицерите во ГШ и МО
Неправдата кон офицерите во Генералштабот и Министерството за одбрана практично ќе прекине со предложените законски измени доколку се изгласаат во Собранието. Тие до сега немаа можност да бидт унапредени пред рокот предвиден како што таа можност ја имаат офицерите во единиците.
Од Синдикатот на одбраната и безбедноста велат дека ова прашање за овие офицери постојано е предмет на законски измени и ова, според нив, доведува до партизирање на Армијата. За разлика од СОБ, Независниот синдикат на одбраната овој предлог го поддржува со што бара истото да важи и за подофицерите.
Од Министерството за одбрана за МИА појаснуваат дека за да можат овие лица да бидат унапредени во повисок чин една година порано, согласно новите предлог измени на Законот за служба, покрај останатите услови (трипати последователно да е оценет со оценка „особено се истакнува“ по сите критериуми, да извршува командна и раководна должност, да постигнува исклучителни резултати во командувањето или раководењето), мора да е предлог на кадровскиот совет на ниво на Генералштабот на Армијата, за лицата поставени во Генералштабот и Армијата, односно да е предлог на раководител на сектор. За лицата поставени на должност раководител на сектор и државен советник во Министерството, потребно е позитивно мислење од државниот секретар, како и позитивно мислење од кадровскиот совет на Генералштабот на Армијата.
-Се работи за офицерите, воените лица кои што се поставени во Генералштаб и во Министерство и нив законот практично ги дискриминираше да не можат пред време да бидат унапредени дури и кога имаат најдобри резултати. Според законот, за воените лица кои навистина имаат најдобри оценки, со препорака од старешината и зелено светло од кадровски совети на различни нивоа, постои можност за унапредување една година порано. Ова не важеше за воените лица кои се распоредени во Генералштабот и Министерството. Затоа се случуваше многу добри офицери практично да сакаат да останат во единица, да не сакат да бидат распоредени во ГШ и во МО бидејќи реално тоа би им го успорило напредувањето во кариерата, појаснуваат од МО.
Последните законски измени во 2020 и новите кои допрва треба да се донесат го зголемија интересот за служба во Армијата
Драстично зголемениот интерес за војничката професија, според Министерството за одбрана, се должи на подобрените услови за работа на војниците и нивните повеќе од 50 проценти зголемени месечни приходи.
-За разлика од март 2018 кога на огласот за 125 професионални војници се пријавија 378 кандидати, во 2020 година на првиот оглас за 70 лица се пријавија 760, а на вториот оглас за 200 војници се пријавија околу 1800 кандидати. Тоа е така бидејќи во меѓувреме два пати се покачија платите на војниците, од минатата година воведовме приход од над 8 000 денари за станарина, со што месечниот приход на припадниците на Армијата порасна за над 50 отсто. Паралелно со тоа инвестиравме во опрема и реновирање на касарните, а Армијата стана Армија на НАТО со огромни можности за напредок во кариерата на секој припадник на Армијата, информираат од МО за МИА.
Покрај исплатата на станарина за секој припадник на Армијата од над 8 000 денари, беа покачени и платите на цивилните лица во Армијата откако претходно платите на воените лица беа покачени за 16 проценти. За прием во службата беше укинат условот за доброволното служење на воен рок.
Платата на професионалните војници е зголемена за 10 проценти во јануари 2018 година и на тој зголемен износ, дополнително за 5 отсто од септември 2019 година. Второто зголемување беше за сите вработени – и за воените и за цивилните лица. Заедно со покачувањето, од минатата година припадниците на Армијата добиваат над 8000 денари месечно за станарина, со што месечните приходи им се зголемени за над 50 проценти. Така, војник кој пред покачувањата имал 20.000 денари месечен приход, со двете покачувања и месечниот износ за станарина, сега има над 30.000 денари месечен приход.
Нов оглас за вработување се планира во мај оваа година, за прием на околу 100 професионални војници во Армијата.
Борис Куноски / МИА