Македонскиот фудбалски селектор Игор Ангеловски по објавувањето на репрезентативниот список за претстојниот старт на квалификациите за Светското првенство во 2022 година истакна дека повиканите фудбалери се подолг период заедно и заслужуваат место во националниот тим.
– Списокот е составен од играчи, кои беа дел од репрезентацијата веќе подолг период. Може да се забележи дека 99 проценти од повиканите играчи се оние истите кои претходно го понесоа товарот, играа во Лигата на нации и квалификациите за ЕП и успеаја да ѝ го донесат историскиот успех на Македонија со пласманот на Европското првенство за прв пат во својата историја во сениорска конкуренција, нешто на кое чекавме од нашата независност, изјави Ангеловски.
– Како човек и како селектор, никогаш не би му го одземал правото на некој да биде дел од националниот тим, а тоа да го заслужува и со односот кон репрезентативниот дрес и со постигнатите резултати преку повеќегодишна макотрпна работа, додаде Ангеловски во изјава за официјалниот сајт на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Македонските фудбалери ги започнуваат мундијалските квалификациите против Романија, на 25. март во Букурешт, по што три дена подоцна во Скопје играат против Лихтенштајн, а на 31. март и гостуваат на Германија во Дуизбург. /МИА/