Министерката за образование и наука Мила Царовска, објави дека учебникот по географија за втора година гимназиско образование е повлечен од употреба.
Царовска истакнува дека денеска имала средба со заменик министерот Арафат Шабани да го информира за оваа одлука.
„Комисијата констатираше дека учебникот е преоптоварен со статистички и други податоци и факти кои не одговараат согласно дидактичко-методскиот пристап за возраста на децата. Исто така, во неколку наставни содржини во учебникот се нарушени начелата на неповредливост на културата, историјата и другите вредности на граѓаните на Република Северна Македонија, штo е спротивно на законот за учебници за основно и средно образование.“, вели Царовска.
Таа истакнува дека во рамки на планот за целосно реформирање на националниот образовен систем, еден од клучните чекори е обезбедувањето на квалитетни учебници и наставни содржини во основното и средното образование. Пропустите кои низ години се провлекуваат во повеќе учебници и материјали, со реформите ќе бидат целосно отстранети и системски решени.
„Новиот закон за дидактички материјали и учебници е веќе објавен на ЕНЕР и со него се спречува вакви содржини да се провлекуваат во учебниците.“, објави Царовска.