„Генезата на проблемот со автопатот Кичево – Охрид е во самиот старт, во првичниот проект. И сега ние ги пробиваме роковите. Беше планирано да чини 370 милиони евра, за потоа да откриеме дека се неопходни уште речиси 200 милиони евра. Сега сме до сума од 600 милиони евра. 70 до 80 отсто од трасата е сменета, се репроектираше многу и тоа носи нови приватни имоти на патот, па експропријации, па други постапки, и сето тоа одзема време. Имаме нови косини, нови тунели, клучки… Немаме застој, но имаме тешки точки за надминување на терен.“ – изјави Благојчо Бочварски, министер за транспорт и врски, во „Топ тема“ на Телма.
Дополни дека во моментов се зборува за тајминзите, за почитување на роковите, дали сите институции ќе стигнат во својот дел да ги завршат обврските.
„Имаме приватно земјиште за експрипријација, за таму да се одлага земја, тоа се милиони кубици земја, мораме да направиме безбеден и стабилен пат. Мораме некому да платиме за да му го користиме имотот. Наскоро ќе објавиме финален рок и тој ќе биде последен. Правиме напори до крајот на годината да се пуштат 20-тина километри, може не цел, но ќе имаме реални рокови за целата изведба“- рече Бочварски.





