Вебинар по повод една година од полноправното членство во НАТО се одржа денеска во организација на алумни програмите на Центарот за безбедносни студии Џорџ Маршал, Гармишпартенкирхен во соработка со Здружението на алумни на Маршал Центарот во земјава. Со овој настан Здружението на алумни на Маршал Центарот во Република Северна Македонија учествува во одбележување на настаните по повод една година полноправно членство во НАТО.
Клучни воведни обраќања имаа министерката за одбрана Радмила Шекеринска, амбасадорката на САД Кејт Мари Брнз и Анке Холштајн, амбасадор на Сојузна Република Германија во земјава.
Министерката Шекеринска истакна дека веќе сме рамноправен партнер во алијансата со значајно учество во мисиите предводени од НАТО. Воедно нагласи дека тоа што сме дел од НАТО алијансата не е само бенефит за Армијата, туку е и дополнителен импут за стабилноста на другите институции во државата, како и за привлекување на инвестиции во областа на економијата.
Американската амбасадорка ја истакна поддршката на САД на реформските напори на Република Северна Македонија. Германската амбасадорка ја потврди поддршката на Сојузна Република Германија во понатамошните чекори за членство во ЕУ.
Како клучни говорници на панелите покрај професорите од Џорџ Маршал Центарот (Метју Роудс, и Фриц Радемахер беа: Зоран Попов, државен секретар од Министерството за Надворешни работи на РСМ и полковник Круме Велков, висок воен претставник од делегацијата на РСМ во НАТО.
извор: МИА





