Околу 6.000 правни субјекти од туристичко-угостителскиот сектор денеска напладне, пред Министерството за финансии, ќе почнат со најавените протести. Владата, пак, на прес-конференција ќе соопшти детали за претстојниот шести сет економски мерки.
Од денеска треба да почне и аплицирањето за финансиска поддршка на платите, мерка што беше дел од петтиот антикризен пакет, но не можеше да се реализира до донесувањето на законите во Собранието.
Туристичко-угостителскиот сектор бара еднократна финансиска помош за сите регистрирани угостителски објекти, еднократна финансиска помош за угостителските објекти на кои веќе една година им е забранета нивната примарна дејност и мораториум или репрограмирање со грејс-период на кредитите од комерцијалните банки и кредитите од Развојна банка, сè додека не почнат да работат без рестрикции.
Барањата на туристичките агенции се еднократна неповратна финансиска помош, продолжување на рокот за важење на нереализираните ваучери за патување до декември 2022 година и ваучерите од проектот „Дома си е дома“ да се реализираат исклучиво преку туристичките агенции.
Независната угостителска комора (НУК) целосно стои зад барањата и забелешките на угостителите и туристичките субјекти, но смета дека протестите не се соодветен начин за изразување незадоволство во услови на пандемија.
Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи вчера рече дека на угостителите ќе им бидат супституирани 30 проценти од приходите за време на целиот период во кој се затворени, како и дека дополнително ќе им се дадат 50 отсто од бруто минималната плата за секое вработено лице. Тоа е предвидено со шестиот пакет.
Со шестиот пакет, како што напомена Битиќи, ќе бидат опфатени и туристичките оператори. Тој ги повика оваа или следната недела да седнат на заедничка маса и да договорат план на среден и на долг рок.
-Свесни сме дека затворање на одреден сектор има последици и затоа утре ќе ги донесеме економските мерки. Ќе одговориме соодветно, со сосема нов модел. Воедно сме подготвени исплатите од петтиот пакет да почнат веднаш, најбрзо што е возможно, зашто знаеме колку е потребно средствата да стигнат до граѓаните. Мерката е предвидена за 60.000 плати, за 60.000 работници или 120.000 за два месеца, а тоа се 120.000 семејства, истакна вчера Битиќи.