Заменик на претседателот во Владата задолжен за борба против корупција, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски денеска ја посети општина Куманово, каде оствари средба со градоначалникот Максим Димитриевски.
Во објавата на социјалните мрежи, Николовски наведе дека посетата е дел од агендата за презентација на планот за борба против корупцијата.
– Со градоначалникот Максим Димитриевски ги делиме истите ставови во поглед на елиминирањето на ризиците од корупција во локалната самоуправа. Општината активно работи за имплементација на системските мерки и спроведува активности за сузбивање на корупцијата. Преку зголемување на транспарентноста и отчетноста на општините придонесуваме за ефективни и етични услови за граѓаните и одговорно и домаќинско работење на локалните избраници. Градиме модерна и правна држава која негува европски вредности, напиша Николовски.
Димитриевски, исто така на социјалните мрежи објави дека на работната средба се разговарало на теми во делот на транспарентно работење на Општина Куманово.
– Општината е во група на најтранспарентни општини во државата, која ќе продолжи да работи во борбата против корупција на сите нивоа, со заемна соработка помеѓу институциите. Единствена цел е граѓаните целосно и во најкус можен рок да ги добијат потребните услуги од општината, а воедно и да имаат целосен увид во делот на работењето на општинските јавни претпријатија, институции и служби, објави Димитриевски.
извор: МИА




