Државничките политики на СДСМ добија силна поддршка од граѓаните. Граѓаните силно го препознаа нашиот чесен концепт кој ги пренасочува парите кон граѓаните и води напред“ истакна претседателот на СДСМ и премиер на Република Северна Македонија, Зоран Заев, во неговото обраќање на отворањето на 26. Конгрес на партијата.
„На 30 септември 2018 година на референдумот скоро 610.000 граѓани се изјаснија ЗА. Тоа беше голема поддршка за патот напред. Тоа е најголема поддршка на една платформа предложена пред граѓаните, тоа се повеќе добиени гласови од гласовите на победниците на сите досегашни парламентарни избори“ кажа Заев.
Тој додаде дека убедливата победа на локалните избори во 2017, како и победата на кандидатот на СДСМ на претседателските избори во 2019 се само продолжување на изборните успеси.
„На предвремените парламентарни избори на 15 јули, СДСМ ја предводеше најголемата мултиетничка коалицијата ‘Можеме’ и победи на парламентарни избори. По цели 18 години СДСМ победува од позиција на власт, на демократиски и фер признаени и пофалени избори. Ова не се случајни успеси. Тоа се признанија од граѓаните за мерките и политиките што СДСМ ги преземаше во сиот овој период“ кажа Заев.
Тој додаде дека и покрај сите предизвици, Владата успешно се справува и со налетите на пандемијата, преземени се навремени и брзи мерки и политики за да се зачува здравјето на граѓаните.