„Сега тргнаа да се прават динамични реформи во образованието. Ги најавивме со дискусија за се, тука сме да се кореигираме, да поправаме. Целиот свет оди дигитално, децата да можат визуелно да го видат тоа што го учат, да го слушнат. Образованието не е само да ја научите материјата, туку да ја имате големата слика во главата“ кажа синоќа премиерот Зоран Заев во врска со реформите во образованието во неговото гостување на Дневникот на МТВ.
Тој додаде дека печатените учебници ќе останат од прво до трето одделени за да се гради односот на детето со книгата, а дигитализацијата ќе започнува од четврто одделение.
„Оваа година почнуваме од четврто одделение и тоа покрај печатените учебници ќе има опција и за дигитални. Догодина ќе бидат четврто и петто одделение, па четврто, петто и шесто потоа…покрај печатените ќе има и дигитални учебници“ кажа Заев.
Премиерот додаде дека само 56% од образовните капацитети во земјава се практично употребени, како и дека македонските ученици ниско котираат на оценувањата на ПИСА.
„Мора да менуваме, се работи за нашите деца, за нашата иднина. Дајте им шанси на реформите“ повика Заев и додаде дека нема да се дозволи децата да бидат поделени, односно дека државата ќе помогне сите ученици да имаат дигитални алатки за децата да бидат еднакви.
Премиерот кажа и дека ќе се обезбедат училишни материјали и за лицата со посебни потреби, со цел да се зголеми опфатот на образованието.





