Во Народниот музеј од Велес вчера беше отворена третата самостојна изложба „Автобиографија во слики“ на академскиот сликар Новица Трајковски. На изложбата беа претставени 20 негови дела создадени во изминатите 20 години. Ова е негова трета изложба во Велес, првите две беа со изложби на слики-пејсажи.
Душко Кралевски, промотор на изложбата појасни дека австрискиот сликар Егон Шиле, претставник на модерната од почетокот на 20-век, работел автопортрети без никаква позадина, со цел да не го одвлекува вниманието на гледачот од главното: авторовиот лик кој е еден, единствен и најважен.
Кралевски информира дека за разлика од него, во автопортетите на Новица, позадината е еднакво важна како и портретот: таа му овозможува на сликарот да го објасни, дополни или стави под знак прашалник она што е поставено во преден план.
– Како одличен портретист, Трајковски ја има дарбата, како кај класиците, да го прикаже карактерот и психолошката состојба на портретираниот лик (во овој случај себеси). Тоа е забележливо во сликите: мајка со расплакано дете во рацете (Новица како бебе); загрижено лице со темно-светла, изгорена позадина; љубовна средба со саканата; добро утро на сите со кафенце и чаша вода; шеговито намигнување; шеретско насмевнување; или блажена насмевка под капата на Дедо Мраз…,појасни Кралевски.
Додава дека освен ова мајсторство, Новица често настојува во автопртретите да додаде доза на (авто)иронизација (мачка што му се качува на глава, или му седи в скут, мачки што зад него си вршат своја работа…).
– Покрај ведри и шеговити, авторот знае да испрати и сериозни пораки, да се прикаже себеси како човек зад решетки што мечтае да полета како птица;,човек што со крајот на очите гледа кон небото, човек со затворени очи над кого лебдат три очи во различна состојба, човек што со надеж гледа кон светлината, уметник што со својата четка од небото-виножито ги зема боите за своите слики; човек што од градите пушта орел да полета кон височините или пак млад и возрасен човек што се допираат во една точка на постоењето…,појасни Кралевски.
Академскиот уметник Новица Трајковски досега има реализирано над 50 самостојни изложби и учествувано на многу групни изложби и колонии. Член е на ДЛУМ и работи како слободен уметник во родното „Илинден“.
извор: МИА