Моменталните локални и национални политики, достигнувања и планови за поддршка на младите и младинското претприемништво во Скопскиот плански регион, беа тема на денешната јавна расправа „Локална поддршка за младинското претприемништво во Скопскиот регион: предизвици и перспективи“, која се одржа во Скопје, во организација на Здружението СВТ Алумни Скопје. Ваквата јавна расправа е дел од проектот „Поддршка за изборни реформи“ на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ), а го спроведуваат Меѓународната фондација за изборни системи ИФЕС и Националниот младински совет на Македонија (НМСМ).
На јавната расправа, учество земаа претставници од повеќе надлежни институции, како што се Општината Кисела Вода, Фондот за иновации и технолошки развој, Агенцијата за поддршка на претприемништвото, претставник од универзитетските редови, претприемачи и млади луѓе. Дискусии на оваа и слични теми се одржуваат низ повеќе региони на државата, а идејата на дебатата во Скопје е преку неа да се отворат некои прашања околу вклученоста на младите во општеството, нивната вработливост и вработување, зошто државниот сектор и понатаму претставува преферирано работно место и како да се поттикнат младите интивидуи на проактивност, активизам и претприемништво.
Говорниците, заедно со присутната публика, отворија повеќе прашања, меѓу кои и како да се промени перцепцијата и начинот на размислување кај младите, како образованието да се подобри и повеќе да ги насочува младите кон приватниот сектор и сопствените бизниси, но и како да се стигне до поголемиот број млади, а со цел нивно запознавање за активните мерки и програми за вработување и самовработување кои ги нудат неколку државни институции.
Потребата од уште поголема локална институционална поддршка, заедничкиот пристап при решавањето на горливото прашање на младинската невработеност и последиците од тековната пандемија на ова поле, како и промоцијата на вештините кои треба да ги развиваат и одржуваат младите луѓе и претприемачите, беа некои од заклучоците кои произлегоа од денешниот собир и на кои понатаму засегнатите страни координирано ќе работат.
Иван Дургутов