„Бизнисот не ми зависи никако од политиката, ниту домашната, ниту меѓународната. Тоа што продаваме 99 проценти оди за извоз. Тоа е добро за мене бидејќи доколку некои државни институции користат некој производ, ќе биде тешко да се објасни како компанијата ја добила таа работа “ кажа премиерот Зоран Заев во интерввју за српски „Курир“.
„Најпозната фирма на моето семејство е фирмата „Тргопродукт“, нашата матична фирма, врзана за сите други. Сега е доминантно производител на надалеку познатиот ајвар „Мама’с“, но и крастивички, салати…Производите ни се продаваат секаде во светот, во Јапонија, Канада, Русија, Америка, Европа. И Кинезите почнаа да користат наш ајвар како кечап на пиците“ изјави премиерот Заев.
Премиерот Заев во интервјуто додава дека да се биде премиер не е уживање, бидејќи нема приватен живот и мора да одговориш се што те прашуваат, не можеш ништо да скриеш.
„Секој сака да има некои свои тајни. Кога се вакцинирав ме прашаа од каде сум ја купил маицата и колку чини, дали е некој бренд. Јас ја платив 370 денари, околу шест евра и реков дека не сакам да кажам од каде ми се маицата и гаќите. Имам право тоа да е моја работа“ вели Заев.
Лидерот на СДСМ сепак кажува дека му е чест, но и одговорност да биде премиер.
„Не ни сонував дека ќе бидам премиер на својата земја. Роден сум во Муртино, се занимавав со земјоделство, продавав на пазарче. Но животот носи непознати патишта“ вели Заев во интервјуто за српски „Курир“.
Тој во ова интервју повтори дека смета оти премиер треба да биде на функција најмногу два мандата, бидејќи постои ризик после тоа да стане автократ.
„Секаде постои тој ризик, но особено на Балканот. Здраво е секогаш да доаѓаат нови луѓе. Сега сум во вториот мандат, кој треба да биде до 2024 година и верувам дека тогаш ќе го завршам. Потоа ќе се вратам во нашите компании.“ вели Заев.