„Имало случаи во кој што било дадено помилување, па било повлечено, па тоа не било прифатено како валидно од судот. Нашиот случај е специфичен по опсегот, контекстот и настаните од тој период и се надевам дека ќе имаме простор тоа подетално да го разговараме“ изјави министерот за правда Бојан Маричиќ во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 коментирајќи го одговорот до ексфункционерите кои побараа аболицијата на експретседателот Иванов да се разгледува во Европскиот суд за човековите права.
„Минатиот петок доставивме одговор на скоро 80 страници со обемен доказен материјал од преку 3.500 страници во кои ги изнесуваме нашите позиции како одговор на наводите на апликантите. Таму се осврнуваме и на фактичката состојба и на сите други аспекти – и формални и суштински поврзани со тие апликации. Дел од нив ги коментираме од аспект на искористеност или не на домашните правни лекови, дел во однос на рокот, дел на изнесените докази“ кажа Маричиќ. Тој додаде дека за спремање на одговорот од државата освен македонските експерти, биле ангажирани и меѓунардни експерти и адвокати, како Тимоти Оти и Џорџ Молино, од Лондон. „Ги искористивме сите правни аспекти за одбрана на владеењето на правото и правната држава и се поставивме во најдобар интерес на државата и системот. Се држевме до аргументите што биле јавно изнесени и во тоа време кога е дадена аболицијата и кога таа е повлечена. Јавно изнесените ставови на експертската јавност и институциите од тоа време се содржани, елаборирани и на долго објаснети, поткрешени со докази“ рече Маричиќ. Тој додаде дека од аспект на правната сигурност и правната држава, како и од аспект на борбата против криминалот и корупцијата било вредно да се изнесат правните аргументи на одговорот и додаде дека сега е на судот да одлучи како се изнесени тие аргументи.