„Коалицијата на СДСМ е победник на изборите“, брифираше пред новинарите, генералниот секретар на партијата, Љупчо Николовски, според кого СДСМ има поголем рејтинг од ВМРО-ДПМНЕ и на ниво на лидери и на ниво на партии. Тој додаде дека СДСМ има повеќе направено за четири години отколку ВМРО-ДПМНЕ за единаесет.
-И такви примери има многу, од плати, до реални проекти, школи, градинки, патишта, водоводи, канализации. Да не зборуваме за патот по кој чекореше земјава, денеска сме 30 земја членка на НАТО. Имаме исполнети критериуми за членство во ЕУ и на ред е ЕУ да испорача. Анкетите наши велат дека СДСМ е фаворит на изборите, имаме поголем рејтинг од ВМРО-ДПМНЕ и на ниво на лидери и на ниво на партии. Ако на тоа се додаде коалицискиот капацитет на СДСМ јасно е дека СДСМ е победник на изборите, вели Николовски.
Тој додаде дека политиките на СДСМ во изминатите години ја позиционирале партијата така што СДСМ во моментов води најголема коалиција, а со таа коалиција победила на изборите и добила мандат од граѓаните, а воедно партијата имала најголем коалициски капацитет.
-Наши партнери во Владата се ДУИ и ДПА и очекувам на ниво на лидери да се случи средба на која ќе се дефинира принципот на соработка за локалните избори. На кој начин, во кој обем, во кои населени места, во кој круг и слично ќе зависи од договорот, кажа Николовски.





