„Граѓаните знаат дека на секои три месеци се исплаќа повратот на ДДВ и со тоа се зголемува и довербата во институциите. МојДДВ е пример и за другите земји од регионот, кои се инспирираа од нашата апликација и воведуваат иста или слична мерка“ рече директорката на УЈП, Сања Лукаревска на прес-конференција.
Таа кажа дека мерката на Владата ги оправдува целите за кои е воведено – ги враќа парите назад кај граѓаните и придонесува за намалување на сивата економија.
„Граѓаните ја согледаа важната улога и одговорност која што ја имаат во овој процес, а тоа е активно учество во намалување на неиздавањето на фискални сметки, со тоа што како партнери на УЈП, ги пријавуваат ваквите појави“ рече Лукаревска.
Таа додаде дека во двете години постоење на апликацијата МојДДВ, таа има речиси 400 илјади корисници, кои добиле над 36 милиони евра назад. „Во првата година преку МојДДВ вратени се над 670 милиони денари, додека во втората година вратени се над 1,5 милијарди денари. Во оваа 2021 година, за првото тромесечие на граѓаните им се вратени над 413 милиони денари. Овие бројки се показател дека бројот на корисници се зголемува, а со тоа и бројот на скенирани сметки“ рече Лукаревска.
Д. Е.





