Филип Рикер, помошник – државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, од Охрид рече дека Преспанскиот договор е пример за целиот свет, не само за Балканот.
„Она што отскокнува за мене и за многу Американци, е што во Преспа постои стандард за останатите во регионот и за остатокот во светот, како се решаваат отворени конфликти преку дијалог. САД остануваат силно фокускирани на Западниот Балкан, како клучна точка на нашата визија за Европа, цела и слободна. Меѓународната заедница го препознава значителниот напредок што досега го направи Република Северна Македонија и храброста што е потребна да се соочи со досегашните предизвици. Уште многу нешта треба да се направат. Започнувањето на преговорите со ЕУ е процес кој бара голема посветеност и решителност. Ние. претеседателот Бајден, секретарот Блинкер, САД, сме сигурни дека Северна Македонија ќе преземе се` што треба за да ги зајакне реформите, да се зајакне владеење на правото, да се справи со корупцијата, да се зголеми транспарентноста, за да се обезбеди просперитетна иднина за нејзините граѓани“, порача Рикер.
Рикер порача и дека САД, никогаш не го напуштиле овој регион, туку дека САД во голема мера е дел од овој регион.
„Треба да знаете дека САД сакаат да стојат рамо до рамо со вас, како партнер, сојузник и како пријател“, нагласи Рикер.
Форумот за дијалог во Охрид продолжува и утре. Предвидени се панел дискусии на кои е најавено учество на сегашни претседатели на држави и премиери, не само од регионот, туку и пошироко. Освен во Охрид, овој форум се одржува и во Отешево во Преспа.






