Шпанија е полуфиналист на ЕУРО2020 совладувајќи ја Швајцарија на пенали со 3:1 во Санкт Петерсбург, откако четвртфиналната пресметка по 120 минути фудбал заврши 1:1.
Шпанија поведе со автоголот на Денис Закарија во осмата минута и го чуваше водството до 68 минута кога Џердан Шаќири донесе израмнување.
Швајцарците од 77 минута играа со фудбалер помалку поради директниот црвен картон за Ремо Фројлер, но одолеаја на шпанските напади до крајот на регуларниот дел и двете продолженија од по 15 минути.
Во пенал – серијата Марио Гаврановиќ и донесе почетна предност на Швајцарија, откако претходно Серхио Бускетс беше непрецизен, но Швајцарците потоа не ги реализира следните три удари од белата точка и на крајот не успеаја да го повторат подвигот од осминафиналето кога на пенали го елиминираа светскиот првак Франција.
Шпанија ќе игра против Италија во полуфиналето на ЕУРО 2020, откако Азурите триумфираа во Минхен над Белгија со 2:1 (2:1).
Италијанците, кои во натпреварот влегоа во серија од 31 натпревари без пораз, дојдоа до својата 13 последователна победа со головите на Никола Барела во 31. минута и Лоренцо Инсиње (44 м.).
Ромелу Лукаку во судиското продолжение од првото полувреме го намали водството на Италија од пенал, но Белгија не успеа во продолжението да постигне и втор гол со што стави крај на својата серија од 13 натпревари без пораз и го заврши настапот на Европското првенство.
Полуфиналните двојки на ЕУРО 2020 ќе се комплетираат денеска со натпреварите меѓу Чешка – Данска, со почеток од 18 часот во Баку, и Украина – Англија, од 21 часот во Рим.
Ј. Ѓ.