Директорот на Агенцијата за вработување Абдуш Демири денеска потпиша Меморандум за соработка со генералниот директор на Нормак Инвестмент Гроуп – Технолошко индустирската развојна зона Тетово Александар Зарков.
Целта, како што соопшти Агенцијата за вработување, е размена на информации за понудата и побарувачката на работна сила и намалување на невработеноста во земјава.
-Зајакнување на формите за соработка со сите институции кои можат да бидат сојузници во нашата основна цел – намалување на невработеноста е приоритет во нашето работење. Токму затоа го потпишавме овој меморандум со кој ќе се воспостави директна комуникација меѓу двете институции со цел креирање заедничка поддршка на постоечките, а воедно и на потенцијалните домашни и странски инвеститори во Технолошко-индустирската развојна зона Тетово, истакна директорот Демири.
Директорот на Нормак Инвестмент Гроуп АД Тетово- Технолошко индустирската развојна зона Тетово, Александар Зарков ја истакна важноста на поддршката која ТИРЗ Тетово со овој меморандум ќе ја добие.
– Потпишувањето на Меморандумот за соработка помеѓу Нормак Инвестмент Гроуп/ТИРЗ Тетово и Агенцијата за вработување ќе овозможи подобра меѓусебна соработка во насока на разменa на информации за понудата и побарувачката на работна сила и заеднички придонес за намалување на невработеноста, поготово во Полошкиот регион. Оваа соработка директно ќе влијае на олеснување на процесот за вработување за потенцијалните баратели на работа од различни профили, потенцираше Зарков.