Прдолжува процесот на децентрализација. Во фокусот е пренесување на нови надлежности и доволно финансиски ресурси за спроведување на локалните политики. Третата најважна работа е обезбедување услови за транспарентно и отчетно работење на локалните власти. Не може да се зборува за успешна децентрализација, за транспарентност и отчетност без директно учество на граѓаните во креирањето на локалните политики. Оваа воспоставена пракса треба да обезбеди одржливост. Локалните власти и граѓаните се партнери во донесувањето на одлуките. Одлуките донесени без учество на граѓаните можат да бидат легални, но без легитимитет, потврден од граѓаните, се доведува во прашање и заемната доверба и нивното спроведување, рече денеска заменик министерот за локална самоуправа, Зоран Димитровски.
Димитровски кој беше во Богданци, истакна дека демократијата значи постојано инсистирање на своите права, активни граѓани кои ќе преземат одговорност и во конструктивен дијалог со локалните власти ќе работат на развојот на општината, на подобрување на услугите, на создавање нови можности за себе и за семејството.
– Форумите во заедниците се прифатени од најголемиот број општини и радува фактот што и без донаторска поддршка тие се живи и општините ги практикуваат, особено кога се креира буџетот на општината. Граѓаните се гласачи, корисници на услуги, но и донесувачи на одлуки, индиректно преку избраните советници и директно преку нивно консултирање. Нивниот глас е важен, не само на избори, порача Димитровски.
Во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети“, Богданци, посочи заменик министерит, е една од 24-те општини која преку форумите во заедницата, со директно учество на граѓаните, успеа да реализира два приоритета: уредување на сообраќајниот режим во градот, како и изградба и опремување на фитнес центарот на отворено. Двата проекта се со вкупна вредност од речиси три милиони денари поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка.
Општината обезбеди и опрема за пренесување на седниците во живо, како начин за директно и автентично информирање на граѓаните за работата на членовите на советот и за одлуките што се донесуваат.
– Кога граѓаните учествуваат во донесувањето одлуки, општинските совети подобро одговараат на потребите на заедниците. На овој начин граѓаните гледаат на локалниот развој како колективна одговорност. Имено, тогаш се случува одржлив развој, настапува децентрализирано владеење и Општинските совети успешно ја остваруваат нивната улога во мониторирање, донесување одлуки и одговарање на потребите на граѓаните, истакна амбасадорката на Швајцарија, Сибил Зутер Тејада.
Проектот „Зајакнување на општинските совети“ е финансиран од Швајцарската агенција за соработка и развој со имплементација од страна на УНДП. Со првата фаза се опфатени 24 општини, а во Богданци се реализирани проектите „Безбеден граѓанин – Среќен граѓанин“ (Уредување на сообраќаен режим, обележување и поставување на сообраќајни знаци во вредност од 2.150.000 денари) како и проектот „Поврзување на младите преку спортски активности“ – Изградба и опремување на Фитнес центар на отворено во вредност од 550.000 денари и дополнителни 1.600.000 денари обезбедени со кофинансирање на општината.
извор: МИА
			




