Само со родова еднаквост може да се создаде поубава иднина, иднина без предрасуди и дискриминација. Верувам дека денешните учесници на овој Самит ќе донесат заклучоци за создавање на подобар свет кој не препознава дискриминација по родова, етничка, културана, социјална или друг вид на припадност, рече министерката за образование и наука Мила Царовска, во обраќањето на Глобалниот Самит за лидерство за девојките.
„Училиштето е место кое треба да ги развива лидерските вештини и кај девојчињата, како и кај момчињата. Затоа, Република Северна Македонија во новата концепција за основно образование која стартува од септември, посебно внимание посветува низ образовниот процес да изгради идни генерации кои ќе ги почитуваат различностите и заеднички ќе создаваат општество во кое има место за секој. Ако ги научиме децата на овие граѓански вредности уште од мали, ќе ги поттикнуваме да се борат за своите права, а со тоа ќе изградат подобра иднина за себе и за општеството во кое живеат”, рече Царовска.
Министерката ги повика девојките да не се сомневаат во своите способности за лидерство и да ги следат примерите на многуте девојки меѓу кои и учесничката на Самитот, Малала Јусафзаи која преку својот активизам се бори против родовата дискриминација и родово базирано насилство.
			




