Конечно, после една година изработка, долги ковид-месеци во склад, и неколку недели во кутија, сабајлево бронзениот Горан го виде небото над Дебар Маало!
„За жал, поради новите мерки, нема да има јавен настан за отворањето. Но, сигурно така и требало да биде, бидејќи Горан секогаш се враќаше во Скопје тивко и ненајавено – едноставно си сакаше да се појави (всушност, никогаш не се сметаше за отсутен).
Така што, еве и овој пат, во текот на денот (здравје), Горан би требало да биде поставен на своето место, каде ќе ве чека за седенка и муабет. Кога ќе бидете во можност, отидете да го поздравите.
ДОБРЕДОЈДЕ ДОМА СТАРИ! Едвај чекам да седнам до тебе пак…“, напиша Игор Стефановски, синот на Горан во Фејсбук групата Здружение за промоција на културното наследство на ГОРАН СТЕФАНОВСКИ.
Симболичниот споменик е поставен во паркчето кое се наоѓа спроти бараките на општината, веднаш до чинарот, кој минатата година на роденденот на Стефановски – 27-ми април, беше засаден во знак на сеќавање на доајенот на македонската литература.
Стефановски е роден во Битола. Тој беше еден од најпознатите и признати македонски академици, писатели, професори и драматурзи. Беше автор на многу текстови и драми, меѓу кои и “Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-Фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Црна дупка“, „Демонот од Дебар Маало“ и на детската ТВ-серија, „Бушава азбука“.