Премиерот Зоран Заев на денешната прес конференција на која заено со министерот за здравство Венко Филипче, ја промовираа новата национална кампања „Вакцинирај се“, упати порака до демонстрантите кои изминативе денови протестираа против новите мерки на Владата за невакцинирани лица.
Тој посочи дека протестот е загарантирано уставно право, но исто такво е и правото на здравје.
„Мерките кои ги предлагаме се веќе докажано ефикасни, а вакцинацијата е единствениот начин да се бориме со вирусот. Фактот што дури 90% од новозаразените последната недела се невакцинирани и исто толкав процент од хоспитализираните е недвосмислена потврда за ефикасноста на вакцините“, посочи Заев.
Заев додаде дека вакцините освен што се ефикасни, тие се и безбедни.
„1.160.000 дадени дози кај нас без посериозни компликации или несакани ефекти кај ниту еден граѓанин се непобитен доказ за нивната безбедност. Обврска на Владата е да го штити народот и да носи нови мерки“, порача премиерот.