Прилеп е една од општините која се наоѓа на инвестициската агенда на Министерството за образование и наука, каде во моментов имаме активни инвестиции во вредност од околу 60 милиони денари. Истите треба да бидат заокружени во следните неколку месеци и секако, нема да бидат последни, затоа што буџетот наменет за унапредување на образовната инфраструктура постојано расте, Владата одвојува сé повеќе и повеќе и притоа средствата транспарентно и подеднакво се распределуваат на сите општини.
Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска за време на денешната посета на општина Прилеп каде со средства на МОН се гради нова спортска сала и се реконструира еден училишен објект.
„Изградбата на спортската сала во состав на основното училиште „Кире Гавриловски Јане“, објект со површина од 650 квадратни метри за кој се издвоени 24,5 милиони денари е започната во текот на месец февруари, а на радост на над 900тини ученици од ова училиште, салата ќе биде готова во последното тримесечје од тековната календарска година“, рече Царовска.
Друга активна инвестиција, информираше Царовска е во гимназијата „Мирче Ацев“, каде досега е извршена замена на кровот, а во моментов се работи на замена на фасадата, прозорците, подовите, се поставува лифт и се изведуваат тоалети за ученици со попреченост.