Најголема инвестиција во македонската преносна електроенетргетска мрежа, вредна 50 милиони евра, која е од огромно регионално значење, вака премиерот Зоран Заев ја најави изградбата на трансформаторска станица Охрид која со влез и излез ќе биде поврзана на новиот 400 киловолтен интерконективен далекувод Битола, Северна Македонија и Елбасан, Албанија.
Поектот се очекува да биде завршен во 2023 година, а опфаќа изградба на 400-киловолтниот далновод Битола (Северна Македонија) – Елбасан (Албанија) во должина од 97,4 километри, изградба на 400/110 киловолтна трансформаторска станица и изградба на 400-киловолтно далекуводно поле во трансформаторсата станица Битола 2.
Премиерот Заев истакна дека оваа капитална инвестиција е од огромна важност за градење поразвиена и постабилна енергетска инфраструктура во земјава и во регионот.
-Со поставување на камен-темелникот на овој капитален објект почнува реализацијата на 400-киловолтниот далновод Битола (Северна Македонија) – Елбасан (Албанија), како дел од Коридорот 8. Со оваа инвестиција, во полна функција ќе биде ставен електроенергетскиот коридор исток – запад што значи транзит на струја од Бугарија, преку Северна Македонија и Албанија до Италија, нагласи Заев.
Покрај премиерот Заев, на настанот се и министрите за транспорт и врски и за економија, Благој Бочварски и Крешник Бектеши, заменик-министерот за енергија и индустрија на Албанија Илир Бејта, генералниот директор на Електропреносниот систем оператор на Албанија, Скерди Дренова, како и генералниот директор на АД МЕПСО, Куштрим Рамадани.
-Изградбата на далеководот ќе придонесе во поврзувањето и регионалното интегрирање на енергетските пазари, ќе ја подобри сигурноста во снабдувањето со електрична енергија и ќе биде новиот автопат за пренос на електрична енергија што ќе овозможи пристап на сите економски оператори до енергнси и конкурентност на цени, истакна Бектеши.
Според него, важноста и потребата за регионалната соработка се дел и од приоритетите во Стратегијата за енергетика која дефинира конкретни мерки и проекти од аспект на прекуграничното поврзување.
-Преку зголемување на регионалната соработка на полето на енергетиката, гледаме голема можност и потенцијал за креирање на одржлива и развојна економија. Реализација на проекти за интерконекција на енергенсите со останатите земји се наш приоритет. Покрај изградбата на далноводите за енергетско поврзување, значајни се и проектите за гасно поврзување со земјите од регионот, што на крај бенефит ќе имаат сите граѓани со пониски и поконкурентни цени на енергеси, подвлече министерот.
Според министерот Бочварски, со овој проект се обезбедува квалитетно и непрекинато снабдување со електрична енергија на стопанството, се надминуваат проблемите и се подобрува мрежата во југозападниот дел од државата.
-Денеска ги отвораме вратите за енергетското поврзување Исток-Запад којa е наша голема стратешка цел. Со овој проект ќе го заокружиме електроенергетското поврзување со сите наши соседи. Ова ќе ни овозможи не само поголема сигурност, стабилност и доверливост на нашиот електроенергетски систем, туку и вклучување во сите регионални иницијативи за размена на енергија како и учество на пазарите на балансните и системски услуги со единствена цел обединување и интегрирање на заедничкиот Европски пазар на електрична енергија, кој за нас значи зголемена конкурентност и економски бенефит за сите граѓани, рече Рамадани.
Тој најави голем раст на производството од обновливите извори на енергија.
-Ова инвестиција со вкупна вредност 50 милиони евра, која е финансирана со грант од 12 милиони на WBIF, 37 милиони кредит од ЕБОР и сопствени средства на Мепсо, опфаќа неколку компоненти, меѓу кои најзначајни се 400 kV-ниот далекувод ТС Битола 2 – албанска граница и оваа Трафостаница што денес ја започнуваме. Трафостаницата има 400 киловолтен влез и излез, и три 110 киловолтен излез кон Охрид, Струга и Ресен. Договорот е потпишан во јануари 2020 година со Хрватската компанија Кончар, избрана на меѓународен тендер, и е предвиден да трае до април 2023 година. И покрај тешките услови предизвикани од пандемијата, ние успеавме со само неколку недели задоцнување да го започнеме овој голем проект и цврсто сме убедени дека ќе го завршиме во предвидениот рок, истакна директорот.
Според него, МЕПСО работи и на многу други проекти за модернизирање и рехабилитација на трафостаници, далекуводи, релејна заштита, паметни мрежи, во вредност од околу 40 милиони евра.
На церемонијата по повод поставувањето на камен-темелникот, се обратија и претставници на делегација на ЕУ, како и на Европската банка за обнова и развој.
извор: МИА