Многу се големи последиците по децата ако втора година по ред не одат на училиште, изјави министерот за здравство, Венко Филипче на денешната прес-конференција. Тој потенцираше дека освен во средните училишта во полошкиот регион, настава со физичко присуство ќе има во сите други општини.
„Оправдана е загриженоста кај луѓето од отворањето на училиштата, затоа што се грижат за своето здравје и за здравјето на блиските. Но, ние повозрасните, родителите, дедо – баба и другите, можеме да помогнеме наставата да продолжи безбедно и со физичко присуство на тој начин што ќе се вакцинираме. На тој начин и самите ќе се заштитиме.
Многу се големи последиците по децата ако втора година по ред не одат на училиште. Само со поголем опфат на имунизација ќе се намали бројот на заразени во земјава. Така е и во целиот свет. Вакцинацијата е засега единственото ефикасно средство за борба со ковид-19“, рече Филипче.
Околу смртноста кај помладите лица, министерот наведе дека тие имаат повеќе контакти, а делта сојот е полесно пренослив.
„Тие конретни случаи во однос на помладите починати, еден пациент за жал на свое барање заминал од болничко лекување. Тоа се невакцинирани лица. Поголемиот процент од починатите се повозрасни со хронични болести. Ние од оваа болест видовме помлади починати лица и претходно и тоа е навистина една страшна клиничка слика со страшни оштетувања на белите дробови кои што најверојатно потекнуваат од тромбози на ниво на најмалите крвни садови на белите дробови што е во клиничката слика на оваа болест“, додаде Филипче.