Вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи денеска преку видеоконференциска врска присуствуваше и се обрати на настанот за презентација на периодичното издание на „OЕЦД Прегледот на конкурентноста во Југоисточна Европа 2021“ (OECD South East Europe Competitiveness Outlook 2021) во организација на Организацијата за економска соработка и развој – ОЕЦД. На отворањето на настанот се обратија и Карим Даху, задолжен за глобални прашања во OEЦД и Фрек Јанмат, раководител на одделот за операции во Делегацијата на Европската Унија во нашата земја.
Како што соопшти Кабинетот на вицепремиерот, Битиќи посочи дека во ова, трето по ред издание на „ОЕЦД Прегледот на конкурентноста во Југоисточна Европа 2021“, согласно податоците од анализата која се спроведуваше во периодот од 2019-2020 година, од вкупно 15 области, Република Северна Македонија бележи напредок во осум од областите, во споредба со прегледот издаден во 2018 година.
– Ова значи дека економските политики се во добра кондиција и истите креираат поголема конкурентност за Република Северна Македонија. Сепак, освен индивидуално подобрената конкурентност на земјите, потребно е да се фокусираме и на зголемување на регионалната конкурентност и креирање на поголеми стапки на економски раст на регионот, наместо да се создава меѓусебна конкуренција. Осумте области во кои нашата држава има резултати над просекот во регионот се: трговската и даночната политика, како и нашата политика за вработување, политиките за енергетика и земјоделство, политиките за зачувување на животната средина, потоа антикорупциските политики и оние за иновации и технологија, рече Битиќи.
Додаде дека Република Северна Македонија е рангирана на првото место во регионот во три области: трговска политика (поткатегорија е-трговија), енергетска политика и политики за вработување, додека во вкупно 10 области е над или на ниво на другите земји опфатени со прегледот.
– Трговските политики се развиени на високо ниво, што се должи на континуирано имплементирање на обврските од договорот за ЦЕФТА, либерализацијата на пазарот на услуги, како и преземање на конкретни чекори во либерализацијата и олеснувањето на процедурите за регистрирање, престој и вработување на странски државјани. Во една од поткатегориите од оваа област, е-трговија, имаме исклучително добри резултати и сме први во регионот, особено како резултат на континуираното имплементирање на препораките на ЕУ кои го регулираат овој сегмент од економијата. Не е изненадување, но секако дека нашата енергетска политика се издвојува во регионот на земјите од Западен Балкан, каде имаме огромно подобрување, па од оцена 2,0 во претходното рангирање сега имаме оцена 3,7. Ова за нас секако не значи дека сме направиле се што треба, напротив, ние како Влада сме потполно свесни и целосно сме посветени на имплементација и транспонирање на директивите од т.н. трет енергетски пакет на Секретаријатот на Енергетската Заедница. Политиките за вработување, особено во поддршка на вработување на младите, исто така даваат резултати. „Младинската гаранција“ е една од најдобрите и најуспешните мерки, кои се препознаени и од овој извештај, и поради која имаме историски најниска стапка на невработеност во категоријата од 15-29 години“, посочи вицепремиерот.
Битиќи информираше дека во однос на даночната политика, Северна Македонија е над просекот на земјите од Западен Балкан, како резултат на реформите со кои се спроведе електронски систем за редовно известување за сите трошоци од централниот буџет и истовремено имплементираниот систем за предвидливост на буџетските приходи. Во делот кој се однесува на даночната администрација нашата земја исто така е оценета над просекот на земјите од Западен Балкан, особено поради добрата поставеност на Управата за јавни приходи и нејзиното менаџирање како клучна институција која функционира како едно унифицирано тело одговорно за администрирање и наплата на јавните давачки.
– Кај две димензии од извештајот, нашиот перформанс е на ниво на просекот на регионот од Западен Балкан, тоа се инвестициски политики и промоција, и дигитализацијата, но ако го земеме предвид времето кога овој извештај е креиран, а тоа е 2019 и 2020 година, од тогаш во нашата земја направени се неколку важни чекори со кои оценките во овие категории, доколку би се правеле денес, ќе бидат далеку подобри. Имено, од доаѓањето на власт на оваа гарнитура беше стопирана праксата на привлекување странски директни инвестиции со плаќање скапи промоции, ангажирање на скапи промотори на државна сметка и организација на разни роуд шоуа, за кои во периодот од 2013 до 2016 беа потрошени 225 милиони евра, а резултираа со СДИ во износ од 1 милијарда евра, додека во периодот од 2017 до 2020 кога беа потрошени 0 евра за вакви несуштински промотивни активности, имаме повисоко ниво на СДИ во износ од 1.4 милијарди евра. Од август 2020 година, Владата презема чекори за целокупното портфолио за поддршка на инвестиции вклучувајќи ги Агенцијата за странски инвестиции и Дирекцијата за технолошко-инудстриски развојни зони, да се стави под еден чадор, со што мојот кабинет ќе функционира како one-stop-shop за сите потенцијални инвеститори, потенцираше Битиќи.
Вицепремиерот истакна дека Владата има многу сериозен аналитички пристап кон извештаите од овој вид и сите предизвици кои се наведени во Прегледот се разгледуваат детално и веќе активно работи на тоа тие да бидат надминати во најбрз можен рок.
-Активно работиме да ги подобриме нашите перформанси во неколку димензии, како што е пристапот до финансии, во образованието, туризмот и секторот транспорт. Во последната година, свесни за состојбата во овие сектори, направени се големи системски промени за подобрување на целокупното бизнис опкружување. Кај пристапот до финансии веќе е во функција државниот гарантен фонд, со кој државата презема дел од колатералот за кредити и царински гаранции на компаниите, во образованието, имаме огромен напредок во воведувањето на дуалното образование, каде во оваа учебна година, нашите деца во преку 240 паралелки кои се дел од овој систем имаат прилика покрај редовното образование, да се стекнуваат со вештини и знаења од практичниот дел на работата на компаниите кои се дел од оваа програма, додека во секторот транспорт инвестираме рекордни суми во изградба и рехабилитација на автопатишта, и интензивно работиме на изградба и осовременување на железничкиот сообраќај“, подвлече вицепремиерот Битиќи за време на презентацијата на на „OЕЦД Прегледот на конкурентноста во Југоисточна Европа 2021“.
Како што информира Кабинетот на Битиќи, Карим Даху, кој е задолжен за глобални прашања во ОЕЦД, посочи дека оваа темелна анализа беше подготвена од регионалната Програма за Југоисточна Европа на Организацијата за економска соработка и развој, која повеќе од 20 години, ги поддржува економиите во регионот за креирање и имплементација на реформи за поттикнување на растот, инвестициите и вработувањата.
– Периодичниот преглед за конкурентност нуди една од најсеопфатните проценки на политичките реформи на Западен Балкан. Базирајќи се на мултидисциплинарната анализа на OЕЦД, овој преглед опфаќа 15 клучни полит
Тој додаде дека претседателите на држави и влади на самитот во Берлинскиот процес одржан летово, се согласија дека препораките кои ги дава Прегледот за конкурентност на OEЦД, може да послужат како насоки и инспирација за спроведување амбициозна, инклузивна и одржлива реформа и агенда на Западен Балкан и дека самиот преглед обезбедува неопходна и корисна база на податоци за заздравувањето на регионот по Ковид-19.
– Дозволете ми да ги истакнам трите области каде што Северна Македонија ги покажа најсилните перформанси споредено со последниот извештај кој беше објавен во 2018 година. Прво е даночна политика, каде Северна Македонија ги усогласи даночните системи со неодамнешните меѓународни даночни трендови. Се приклучи на Инклузивната рамка на OECD/G20 за oсновна ерозија и споделување профит (BEPS) и ја потпиша Мултилатералната конвенција за спроведување мерки поврзани со даночниот договор за спречување на BEPS. Северна Македонија исто така ја потпиша Конвенцијата за взаемна административна помош во даночни прашања, ги зајакна капацитетите за предвидување данок и ги прошири своите модели за симулација. Следува антикорупциска политика, односно зајакнување на борбата против корупцијата, посочи Даху.
Во овој дел Северна Македонија, додаде, ја зајакна Државната комисија за спречување корупција. Со Законот за спречување корупција и судир на интереси донесен во 2019 година ги прошири надлежностите на Комисијата. Покрај тоа, нејзиниот годишен буџет е двојно зголемен.
-Трето е политика за вработување. Северна Македонија постигна напредок во зголемувањето на уделот на младите луѓе на пазарот на трудот. Нејзината пилот шема за „Гаранција за млади“ за 2018 година придонесе за силен пад на стапката на невработеност кај младите, од 45% во 2018 година до 36% во 2020 година, иако ова е сеуште над просечната стапка на Западниот Балкан, (каде што изнесува околу 30%), и над просечната стапка во земјите од ЕУ (со стапка од 17%). Северна Македонија, исто така, ги подобри капацитетите на својата јавна служба за вработување, која сега исто така ги категоризира невработените лица според нивната способност за вработување, профилира и поставува индивидуални планови за вработување“, посочи претставникот на ОЕЦД Даху и додаде дека се уште постојат предизвици на кои треба да се посвети внимание, а се однесуваат на заштитата на животната средина, транспортот и дигитализацијата.